Времето ќе ни покаже

И еве сум сега, седам сам и сфаќам некоја личност колку може да те промени, да ти го промени целиот свет иако таа немала намера и не е свесна за тоа. Но истата таа личност не е свесна ни колку брзо ми го руши светот со еден ладен збор, со еден ладен поглед… но сум свесен колку такви светови сум срушил јас, да јас… каде што сум бил центарот наместо тие самите себе, каде што сум бил многу повеќе од тоа што навистина сум. Обично откако ќе кажам “Доста е” завршував… но ова е некако чудно, колку повеќе си викам на самиот себе “Доста е, свести се, ти си само странец во нејзиниот живот” тоа ме тера да не запирам, да и покажам колку ми значи, да ја освојам. На никого не сум се покорил, на никого не сум му останал должен ама со неа е поинаку… пред неа сум како дете… кое не може да смени многу но царува со неговата фантазија на некое место каде што никој не може да го наруши. Кога ќе ја видам се топам… осеќам како веднаш ме облева пот а кога ќе си замине сум среќен само поради тоа што ме погледнала… можеби гледала некого позади мене или пак некое дрво. Но тоа во тие моменти не е битно. Откако ќе се свестам сакам да ја најдам да ја грабнам и да не ја пуштам, да и ја дадам целата слобода на светов а сепак да ја врзам за себе, да биде моја. Да ги допрам тие усни барем за миг, кои се како лимун, изгледаат привлечни за око а да ги пробаш се кисели и сакаш да ги оттргнеш… но наредниот миг те тера уште повеќе да ги бакнуваш… и пак од почеток. Не знам дали и точно вака ги доживувам нејзините усни зошто некои работи не може да ги опишеме, да се објаснат. Ми делуваат како… Ајде да бидам посликовит, како забрането овошје кое никогаш не сум го пробал поради тоа што сум премногу безмоќен пред неа, премногу добар.
Велат треба да изгубиш некои работи за да ја сфатиш нивната вредност, јас ја знам нејзината вредност не поради тоа што сум ја изгубил, туку поради тоа што никогаш не сум ја имал.Не знам дали ќе се пронајде во текстов или дали ќе го прочита, но знам дека јас не можам да го напишам сето тоа што го чувствувам за неа.